Вевчанска куќа

Вевчанска куќа

 

Изградено на стрмна падина под планината Јабланица, селото Вевчани е синоним на културно богатство како што е старата рурална дримколска архитектура (со куќи и градби од 18. и 19. век), која што овдешните печалбари ја донеле од разни краеви на светот. Автентичниот селски амбиент искомбиниран со градските услови за живот, како и многубројните знаменитости за едно толку мало место, прават вевчанци да се гордеат со него. Вевчани брои 19 цркви, манастири и параклиси, а централно место зазема црквата „Св. Никола“.

 

Куќата на семејството Китановци се градела од камен и специјални костенови греди, во романски стил, од 1898 до 1906 година. Таа е најголемата и најпретставителна куќа во Вевчани. Имала долапи, ормари, дограма на прозорците, а се состоела од два дела, авлиите околу неа, плевната и куличето. Куќата на првиот и на вториот кат имала и капаци на прозорците. Од стреата, дел од покривот бил со ламарина, а дел со керамиди. Во камената ограда биле вградени „дулци“ од кои дотекувала вода, а во куќата бил ископан бунар.

 

Рачно изработените скали од костеново дрво во куќата на Пупиновци, изградена во 1880 година од камен со елементи на дрво, водат кон чардакот и собите со камари, селски огништа, ковчези и антиквитетен мебел и покуќнина. И куќите на семејствата Дуцкиновци, Пљушковци, Пешиновци, Даскаловци, Коруновци, Калајџиевци, Костојчиновци, Гоговци и Поповци, автентично го прикажуваат животот на вевчанци за време на Отоманската империја, а истовремено се познати и по различните архитектонски стилови на градба донесени во селото од страна на печалбарите.

 

Comments are closed.