Градот Тетово во минатото се делел на два дела, македонски и турски. Македонскиот бил собран на многу тесен простор, додека во турскиот куќите биле поразретчени, со големи дворови и бавчи. Овој дел имал типично ориентално обележје. Од старата македонска градска архитектура сочувани се ретки примероци и денес тие имаат богата архитектонска вредност.
Во првата половина на 19. век Тетово се одликувало со многубројни градини и чисти улици, а куќите меѓусебно биле одвоени со бујна вегетација. Контрастите денес се гледаат во сочуваниот ориентален дел на градот и старата македонска архитектура со поголем број стари куќи, кои со својот интересен амбиент и архитектура сосема успешно се вклопуваат во новото и современото.
Во Тетово се среќаваат неколку вида на куќи. Кај Турците преовладува куќа на чардак и приземна куќа. Куќата на чардак преовладува и кај албанското население. Голем број од овие куќи се оградени со високи ѕидишта. Под влијание на Турците, и Македонците ја прифатиле куќата на чардак, но овие куќи се разликуваат по тоа што имаат истурени катови кон улицата, големи прозорци, посовремен ентериер и друго.
Во куќата на Јовановци на 19 март 1943 година се одржала првата седница на Централниот комитет (ЦК) на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) и затоа таа денес се користи како Музеј на КПМ. Куќата на Черенковци се наоѓа во Саат маало, а на улицата Страшо Пинџур има десетина куќи градени во 30-тите години од минатиот век. На жалост, куќата на Богоевиќи изградена кон крајот на 19. век неодамна е целосно урната.















