Крсте Петков Мисирков (с. Постол, Егејска Македонија, 18 ноември 1874 – Софија, Царство Бугарија, 26 јули 1926) бил македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, идеолог за единство на македонскиот народ со интелегенцијата, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија и личност на македонскиот 20. век. Автор е на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.
Објавувањето на книгата „За македонцките работи“ (во Софија, 1903) е остварување на идејата за одделен македонски јазик. Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското народноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Списанието „Вардар“ е првото списание за наука, литература и политички прашања на македонски јазик кое Мисирков го печати 1905 година во Одеса.
Мисирков се родил во сиромашно семејство. Шест одделенија основно училиште завршил во родното место на туѓ грчки јазик. Потоа се школувал во Србија и Бугарија, па и во Русија, каде се занимавал и со научно-истражувачка работа. Активно учествувал во разни студентски македонски организации. До ноември 1918 година Мисирков живеел во Русија и работел на афирмација на македонскиот национален индивидуалитет. Подоцна, заедно со своето семејство се преселил во Бугарија, каде живеел и работел до својата смрт 1926 година.