Славко Јаневски

Славко Јаневски

  

Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 – Скопје, 20 јануари 2000) бил истакнат македонски раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Во Скопје завршил основно и стручно-техничко училиште. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се списанијата „Титовче“, „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Работел и како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“. Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија.

  

Со објавените 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број препеви, есеи и полемики, Славко Јаневски е можеби најплодниот писател во современата македонска литература, чии дела се преведени на многу јазици. Неговиот роман „Селото зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на македонски јазик. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги постави темелите на современата македонска книжевност. Во 1946 година во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело 7 члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.

  

Славко Јаневски e добитник на многу награди и признанија, меѓу кои се: „АВНОЈ“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „13 Ноември“, „Кочо Рацин“, „Македонско слово“, „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“. Исто така, тој е добитник на две златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ и „Македонскиот дел од пеколот“. Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година во паркот „Жена-борец“ во Скопје беше откриен споменик на Јаневски, дело на академикот Томе Серафимовски.

Comments are closed.