Васил Тоциновски (с. Стојаково, Гевгелиско, 22 август 1946) е македонски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, антологичар, автор за деца и млади, учебникар и преведувач. Тој е еден од најплодните современи македонски автори. Како добитик на Рациновата стипендија дипломирал на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ на Филозофски факултет – Скопје (1965). На истиот магистрирал и докторирал. Дваесет години работел во Телевизија Скопје (1965–1989), бил привремен управник на Институтот за фолклор (1989-1992) и во Институтот за македонска литература на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Пишува проза и поезија, како за деца така и за возрасни. Автор е на 22 белетристички книги, 36 книги за македонската литературна историја, 57 редакциии и сл. Преведуван е на дваесетина јазици. Посебен придонес дал во истражувањата на македонската литература од 19. и првата половина на 20. век. Бил главен и одговорен уредник на најстарото македонско книжевно списание „Современост“ од Скопје. Редовен професор на најбројната светска катедра на студенти по македонски јазик на Универзитетот во Риека.
Пред македонската и светската јавност е познат како научен работник, истражувач на македонската литературна историја. Во тој правец, има големи заслуги во откривањето на животната судбина и литературното дело на „дводомните писатели“ од македонско потекло, односно Македонците кои живеат и творат во туѓа јазична средина.
Добитник е на наjвисоките македонски државни награди и признанија: „Гоце Делчев“, „Климент Охридски“, „Крсте Мисирков“, „Димитар Митрев“, „Ванѓа Чашуле“, „Девети Ноември“ годишна награда на Град Велес, „Гемиџиите“ за животно дело на Град Велес, награда на Културно-просветната заедница на Македонија, награда на Авторско-правната агенција на Македонија, „Златен прстен“, „Прозни мајстори“, „Златно перо“ на Книжевните преведувачи на Македонија и други.