Македонија изобилува со прекрасни места и градби, а меѓу нив спаѓаат и еден посебен вид на цркви кои се изградени во внатрешноста на пештерите, односно во карпи. Средновековните пештерни цркви и манастири претставуваат богата културна, духовна и просветителска ризница. Тие сведочат за творечките потенцијали на македонските зографи и градители, за монашкиот живот, за значајното религиозно творештво и вековната традиција на источно-христијанската култура. Поради тоа, тие се составен дел од неисцрпното културно наследство на Македонија.
Спојот на пештера и црква е необично интересен за спелеолозите и археолозите, за историчарите на уметноста и за оние кои ги почитуваат древните култури. Како редок феномен со својата уметничка и историска вредност успеваат да го привлечат вниманието и на светската јавност. За пештерните цркви се користеле природни пештери сместени високо во карпите. Секоја од нив е опколена со прекрасна природа и е вистински извор на мир и убавина што ги прави волшебни и таинствени.
Пештерните цркви започнале да се појавуваат околу 9. век, а нивните живописи главно датираат од 13. и 14. век и се тесно поврзани со христијанското учење – исихазам. Тоа е филозофија на монашкиот мистицизам во Православната црква од Исток, кој се негувал во македонските манастири и пештерни цркви како во свој автентичен простор и се развил во општо културно и социјално движење кое длабоко се врежало во духот на македонскиот средновековен човек. Анонимните иконописци припаѓале на балканските карактеристични сликарски школи. Нивните фрески сродни се со фреско-сликарството во најпознатите манастири. Тие даваат печат на дел од некогашниот живот. Во овие пештери се појавиле многу испосници кои се занимавале со чудотворство и пророштво. Според сочуваните ракописи, зачетници на монашкиот живот биле Св. Наум и Св. Климент.
Досега се регистрирани преку 50 пештерни цркви во Македонија, а од нив најбројни се околу крајбрежјето на Охридското и Преспанското езеро, во кои живееле и дејствувале исихастите. Вакви цркви се среќаваат и во околината на манастирите Трескавец и Зрзе, по долните текови на реките Бабуна, Црна река и Треска, но и во Кумановско-кратовскиот регион и кај Тиквешкото езеро. Овие пештерни храмови со своите колоритни иконостаси имаат непроценлива вредност за негување на духот на христијанството, како и за посетителите што доаѓаат на молитва и соединување со Бога.















