Митко Тошев – сликар и скулптор

Митко Тошев – сликар и скулптор

Митко Тошев (Струмица, Република Македонија, 18 јуни 1972) е познат македонски сликар и скулптор. Своето ликовно творештво го почнува на 5годишна возраст, а веќе на 10 години приредува серија на изложби. Уште тогаш е наречен чудо од дете. Во неговиот развој како ликовен уметник голема е помошта од еминентниот ликовен педагог и професор, Петар Мазев, кој оценувајќи дека има огромен потенцијал, го носи на Бриони кај Јосип Броз – Тито, каде Тошев на маршалот му изработил портрет во живо. Веќе на 11годишна возраст го свртува вниманието на ликовната јавност, со успешното претставување на самостојни ликовни изложби.

Митко Тошев е дипломиран сликар и графички дизајнер. Твори во сите медиуми: платно, дрво, мермер, стакло, порцелан, метал,керамика и други, но сепак се издвојувува неговото знаење и талент во изработката на портрет како најтешка дисциплина во ликовното творештво и тоа на тема портрети во бронзен, сребрен и златен медал. Автор е на бронзена статуа со ликот на трагично загинатиот македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена Тоше Проески, која им ја подари на родителите на Тоше.

Првата ликовна изложба Митко Тошев ја одржал во 1982 година во Струмица со серија на изложби „Портрети на Јосип Броз – Тито“ и серија на изложби со над 50 портрети на ликови од Илинденската епопеја. Во 1985 година победува на меѓународен натпревар во Москва со портрети во монументална димензија на фреско техника. Во 1988 година одржува ликовни изложби портрети масло на платно во Скопје и во Струмица на тема „Македонски револуционери од Илинденската епопеја“. Следната година одржува изложби на тема македонски фолклор во чест на манифестацијата „Гоцеви Денови“ во Приштина, Нови Сад, Белград, Сараево, Торонто, Чикаго, Сиднеј, Мелбурн. Досега има одржано повеќе самостојни изложби во Македонија и странство.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата за хуманист, статуетка на Мајка Тереза. Денес Митко Тошев е професор по ликовно воспитување во струмичката гимназија Јане Сандански.

Comments are closed.