Жарко Башески е познат македонски скулптор. Роден е во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски–Дада, каде што во тоа време работел како стручен соработник. Од 1988 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби). Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како професор на Факултетот за ликовни уметности од 1989 година, а во 2010 година е избран за редовен професор на Катедрата за вајарство на истиот факултет.
Жарко Башески имал многу самостојни и групни изложби во Македонија и странство. Изложувал во: Прилеп, Битола, Охрид, Скопје, Г. Милановац (СЦГ), Венецијаи Бари (Италија), Истанбул (Турција), Париз (Франција), Софија (Бугарија), Нирнберг (Германија), Њуjорк (САД), Темпи (Aризона,САД), Феитфиел (Арканзас,САД) и во други градови. Некои од спомениците што ги изработил се: „Феникс“, челик (бул. Македонија, Скопје), „Александар III Македонски“, бронза (Прилеп), „Скршено крило“, бронза и гранит (Скопје), „Бранители на Македонија“, мермер (Скопје), „Итар Пејо“, бронза (Прилеп), „Св. Кирил и Методиј“, бронза (Камени мост, Скопје), Коњанички скулптури на Гоце Делчев и Даме Груев, бронза (плоштад Македонија, Скопје) и други.
За своите дела Жарко Башески е добитник на наградите „Нерешки мајстори“ и „Ситна пластика“ за скулптури од страна на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, прва изведбена награда на меѓународен конкурс за коњанички скулптури на Гоце Делчев и Даме Груев (плоштад Македонија, Скопје) и други.