Благоја Дрнков (Скопје, 1914 – Скопје, 31 јануари 2012) бил доајен на македонската фотографија и кинематографија. Уште како ученик се занимавал со фотографирање. По завршување на средното образование, се вработува во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ја купува својата прва филмска 9,5 мм камера и сопствен кинопроектор, а од 1940 година станува сопственик на „Фотоаматер“. Тој бил прв директор на Филмската дирекција на Македонија и прв дописник за „Филмски новости“ од Македонија. Работел во „Вардар филм“ и во Етнолошкиот музеј, а работниот век го завршува во 1969 година во ТВ Скопје како режисер на документарни филмови и телевизиски серии.
Целиот животен, фотографски и филмски опус на Дрнков е една голема приказна за Македонија, главно од 1940 година до почетокот на 21. век. Започнувајќи од неговите први филмови „Борба со петли“ и „Католичка процесија“ (1935), па сѐ до последните „Изморениот патник“ и „Последни патувања“ (1961), и огромната колекција на фотографии, се историски сведок и слика на Македонија. Како за пример, неговите фотографии „Македонец“ и „Бишка“ (Македонски голф) го обиколија светот и ја доближија Македонија до него.
За својата работа, одликуван е со бројни награди и признанија, меѓу кои најзначајни се „11 Октомври“ за животно дело (1994), „Медалот за заслуги за Македонија“ (2008) и титулата „Зограф на културата на РМ“ (2011). Како што се наведува во образложението за наградата „Медал за заслуги за Македонија“: „Во историјата на македонската култура на 20. век, Благоја Дрнков создаде неизмерен опус од повеќе од 40.000 фотографии со кои тој стана личност која е истовремено и институција. Неговата естетика зрачи со духот од моментите и ситуациите. Неговите фотографии се преполни со детална и возвишена живост, а тоа е априори заради неговата високо естетска мотивација.“
Благоја Дрнков е единствен македонски автор чие творештво е забележано во Интернационалната енциклопедија на фотографи – од 1839 година до сегашноста, објавена во Швајцарија во 1985 година, а во која се застапени најпознатите фотографи во светот од почетоците на фотографијата до денес.






