Етно група „Монистра“

Етно група „Монистра“

Етно групата „Монистра е формирана во 2002 година. Составот на групата го сочинуваат: основачот Александар Јовевски (кавал, тамбура, гајда, тапан), Јован Стрезоски и Филип Николовски (тамбура), Елена Чадиковска (клавијатури), Дамјан Зифовски и Марјан Андоновски (перкусии) и Габриела Јанушевска (вокал). Сите членови на групата се музички образовани и имаат завршено Факултет за музичка уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Групата свири македонска етно музика на изворни инструменти со цел да се изучува, негува, чува и презентира најубавиот дел на Македонија, изразен преку прекрасната македонска изворна музика создавана од многу знајни и незнајни народни уметници и сочувана до ден-денес како единствен идентитет на македонската култура и држава. Музиката е збогатена со модерни аранжмани, прилагодена на вкусовите на младите слушатели. Се етаблира како многу успешен презентер на македонската етно музика која се следи со силно внимание. Особено ја негува неправилната ритмика по која се препознава македонската песна и оро. Досега имаат издадено еден албум насловен „Монистра“ (2008).

Во својата богата музичка историја, етно групата „Монистра“ има забележано бројни успешни настапи не само пред домашната публика, туку и на концерти во Шведска, Данска, Италија, Франција, Израел, Египет, Бугарија, Хрватска, Словенија, БиХ.

Comments are closed.