Вокалниот квартет „Пела“ е етно група која со гордост го носи името на престолнината на античка Македонија, а облеките што ги носат членовите на групата се стилизиран облик на античката носија. Квартетот е основан во 2004 година во Љубљана, на иницијатива на академскиот музичар Љубен Димкароски, Македонец кој живее во Словенија. „Пела“ ги негува старите изворни македонски и словенечки песни. Песните се архаични, песни за душа, чии аранжмани ги подготвува Димкароски. Преку повеќегласното пеење преовладуваат неправилни, комбинирани и слободни ритми, кои заедно изразуваат оригиналност.
Освен основачот Љубен Димкароски, членови на групата се и вокалистките Мајда Кушар-Пездирец, Метода Постолски-Кошир и Весна Младенова. Во текот на своето постоење „Пела“ остварила преку 300 самостојни концерти во Словенија, Хрватска, Србија, Италија, Австрија, Шпанија, Англија, Грција, Албанија и во Македонија. Групата има издадено неколку ЦД-а со македонски и словенечки народни песни.
Прилепчанецот Љубен Димкароски е професионален музичар повеќе од 35 години. Иницијатор е за создавањето на прилепскиот фестивал „Маркукуле“. Член е на Љубљанската опера и балет при Словенечкото народно гледалиште. Во солистичката кариера како трубач-солист настапувал со симфониски и камерни оркестри, камерни групи, во придружба на оргули и пијано. Од неодамна свири и на неандерталско свирче. Издал неколку ЦД-а, а има и архивски снимки за потребите на радио-телевизијата. Стекнат е со повеќе од 20 години искуство и во хорско диригирање. На подрачјето на народната музика Димкароски најнапред го формира оркестарот „Струни“ кој го води 7 години и кој издава две ЦД-а, „Ритмови и звуци на Македонија“ и „Јасно сонце“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои се втората светска награда како трубач-солист на меѓународниот натпревар во Анкона, Италија, во 1979 година и втората југословенска награда на млади музичари истата година во Загреб, а наградата на град Прилеп „3-ти Октомври“ ја добива во 2006 година за животен придонес кон културата.
Својата музичка уметност Љубен Димкароски ја дополнува и со поезија и сликарство. Издал две збирки поезија, „Македониум“, „Чекор поблиску“ и книга „Пела и Македонија“. Автор е на песнарка со 150 македонски бисери. Собира и камчиња од различни места и ги обработува творејќи интересни форми. Поседува камења не само од Македонија и Словенија, туку и од Бразил, Конго. Досега изработил над 200 минијатури, мали ликовни дела на кои не интервенира ниту со боја, ниту со што било, туку едноставно ги бруси и открива со досега непозната техника на обликување на камен. Со сликовните минијатури во камен имал повеќе од 40 самостојни изложби. Мотивите се движат од реалност до апстракција.