Маркови Кули – сведок на минатото

Маркови Кули - сведок на минатото

 

 

Македонија изобилува со мноштво природни раритети од кои посебно се издвојува природниот феномен од карпестата уметност, познатата тврдина Маркови Кули. Како вечен чувар и заштитник, се издигнува над планинскиот масив Чардак, Крупник, Гребник и Тапанче, над градот Прилеп. Тврдината, која датира уште од времето на цар Самоил од 976 година, има површина од околу 15 хектари и е една од најголемите монументални, археолошки и историски атракции на Балканот.

 

Необичната структура и староста на карпите го зголемуваат значењето на овој локалитет. Голем број грандиозни карпи со чудесни облици и бои поврзани се во 2 паралелни низи, чија надморска висина се зголемува од југ кон север, каде се спојуваат со врвовите Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Најразличните релјефни форми лоцирани на мали платоа се создале во текот на структуирањето на карпите и ладењето на магмата. Меѓу формите се препознаваат фигури на жаба, лав, гуштер, желка… Една од најатрактивните во подножјето на Маркови Кули е камената фигура во облик на слон, висока 8 м. Легендата вели дека тоа било култно место за одржување на повеќе ритуали. Луѓето што имале направено лоши дела доаѓале со вода за миење раце и лице за да се исчистат. Жените пак, се вртеле околу слонот со свеќи в раце во ноќите меѓу петок и сабота за да ги смилуваат вишите сили да им дадат пород.

 

Маркови Кули го претставуваат всушност некогашниот Прилеп, утврден град со акропола. Тој бил главен град на средновековното кралство, на кралевите Стефан, Душан, Волкашин и на неговиот син, легендарниот Крале Марко, по кого и тврдината го носи името. Според археолошките истражувања, овде постоел континуиран живот од 10. до 14. век. Но, грамадните монолити сведочат за присуство на човекот уште од најстарите времиња, од првата населба Керамија. Локалитетот е полн со древни гробници, живеалишта, цркви, светилишта, како и прастари карпести цртежи кои потекнуваат од 7. век п.н.е. Тврдината на северниот ѕид денес има остатоци од двојна порта и голема стражарска куќа, а на јужниот ѕид 3 добро сочувани кули. По смртта на Крале Марко во 1395 година тврдината била заземена од Турците и животот во неа згаснал. Жителите создале нова населба во подножјето на Маркови Кули, наречена Варош.

 

Од Маркови Кули може да се слушне, види, почувствува и доживее македонската цивилизациска и културна историја. Ова буди голем интерес за развој на туризмот. Марковите Кули биле инспирација за снимање на филмовите „Пред дождот“, „Прашина“ и „Збогум на 20. век“. Тука се одржуваат бројни културни манифестации и спортски натпреварувања, како што се „Поетското Маркукуле“ и „Крали Марко ултрамаратонот“. Посебно духовно оплеменување дава манастирот „Св. Архангел Михаил“, каде се наоѓа вториот по старост запис со кирилско писмо. Во тек е постапката Маркови Кули да бидат прогласени за споменик на природните реткости и на културата при УНЕСКО.

 

Прилепчани со гордост ја раскажуваат и опејуваат богатата и живописна историја на Маркови Кули. Ако сакате да се вратите во минатото, тогаш мора да го посетите овој вонвременски локалитет кој длабоко во себе ги крие тајните на големите кралеви и сведочи за едно поинакво древно време.

 

 

Comments are closed.