Делувајќи во рамките на Хрватско-македонското друштво од Загреб, Република Хрватска, женскиот вокален етно состав „Езерки“ и оркестарот „7/8“ се стекнаа со насловот „чувари на традиционалната македонска музика“. Соработката на овие ентузијасти, делумно аматери музичари, започнала случајно со идеја да ги сочуваат традиционалните македонски песни и да ги популаризираат во Хрватска и странство. „Езерки“ се формирани на иницијатива на Лена Ѓапиќ во 1995, а оркестарот „7/8“ во 2000 година.
Водителка на „Езерки“ е внуката на маестро Миљенко Прохаска, Дарка Краговиќ.
„Езерки“:
Сопрани: Лена Ѓапиќ, Тајана Глухак, Лилиана Даниела Лауш-Белко, Силва Михаличек, Рената Фирст и Ана Терек Келава.
Мецосопрани: Лилјана Преволшек, Мирјана Јунашевиќ, Сандра Влашиќ, Ана Колега, Мирјана Јакопчевиќ, Петра Орушев и Татјана Пакрац Звонар.
Алти: Костадинка Шимуниќ, Крунослава Куљиш, Бранка Закошек-Мудриниќ, Рената Петрески Котаранин, Катица Адамовиќ и Дајана Медиќ.
Водител на оркестарот „7/8“ е бившиот член на култната сараевска група „Забрањено пушење“, виолинистот Бруно Урлиќ, кој е воедно и аранжер и уметнички продуцент на сиот нивни творечки опус.
„7/8“: Бруно Урлиќ – виолина, Стојан Трајков – хармоника, Сафиудин Алимоски – гитара, кавал и уд, Кирил Јовев – мандолина, Петра Бадовинац – брач тамбурица, Тома Влчев – бас гитара, Крешимир Орешки – тапани, Драгомир Херендиќ-Драгиани – акустична електрична гитара и бузуки и Маријан Јакиќ – саксофон.
„Езерки“ и „7/8“ досега имаат издадено пет албуми: „Livingroom (Ливинг рум – песни од големата одаја)“ (прво издание Македонија, 2003), „Бакнеж“ (2006), „Спектакл“ (2008, концертен со ДВД), „Мустра“ (2010) и „AMФTEATAR“ (2014), а соработувале со бројни ценети естрадни уметници како што се Тоше Проески, Калиопи, Раде Шербеџија, Радојка Шверко, Нина Бадриќ, Масимо Савиќ, Костадинка Велковска, Бодан Арсовски, Зорица Конџа, Лука Нижетиќ, Зоран Предин, Матија Дедиќ и други.
„Езерки“ и „7/8“ исклучително ја негуваат македонската песна и музика. На нивниот репертоар се бројни бисери на народното творештво, по чија изведба се познати. Бруно Урлиќ ги обработува песните на современ начин за да бидат пошироко прифатени, а свират на 12 традиционални македонски инструменти, кавал, тапан, тарабука, дајре… Со автентичната презентација на македонската народна музика „Езерки“ и „7/8“ се мошне популарни во Хрватска, но и на Балканот. Настапувале во многу места низ Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија и Италија.