На прашањето колку езера има во Република Македонија, повеќето туристи би одговориле три, во главно мислејќи на големите тектонски природни езера: Охридското, Преспанското и Дојранското. Но, вистината е дека Македонија всушност има околу 200 езера, од кои 70-тина се природни, а 120-тина се вештачки. Нивната намена е различна, се користат за производство на струја, за наводнување и водоснабдување, за заштита од поплави, за рибници, како и за туризам и рекреација.
Козјак е најголемото и најбогатото со риба вештачко езеро во Македонија. Сместено е во поречкиот крај помеѓу планината Сува Гора на запад и природниот резерват „Јасен“ на исток, на околу 25 км низводно од устието на реката Треска во реката Вардар. Опколено е со бројни ридови и падини кои му даваат посебна убавина во сите годишни времиња, а водите на реката Треска кои го напојуваат, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. На надморска височина од неполни 300 м, со вкупна површина од 13,5 км² и капацитет од приближно 380 милиони м³ вода, езерото е долго 32 км, длабоко е некаде и до 130 м, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 м. Основата на браната е 500 м, круната или врвот 310 м и акумулира 570 милиони м³ вода. Максимална кота на езерото е 470 м.
Јужниот пристап кон езерото води од Македонски Брод и се протега по течението на реката Треска. Другиот пристап е од Скопје при што патот се протега под јужните падини на Водно. Браната со која е пресечено течението на реката Треска, е почната со изградба во 1994 г., а езерото е создадено во 2004 г., кога започнала со работа хидроцентралата со капацитет од 150 GW/h електрична енергија. На функционалноста и атрактивноста на езерото се надоврзува и изградбата на т.н. воден лифт, со којшто се регулира водостојот на водата во езерото. Оваа огромна инка служи за совладување на водите во најголемите дождовни периоди. Браната ги штити од поплави Скопје, Скопско Поле и сите зелени појаси по должината на реката Вардар. Водата се користи за хидроенергетски цели, но претставува и регулирана вода за низводните хидроцентрали како и вода за наводнување на Скопско Поле. Се смета дека Козјак ќе обезбедува вода за пиење и индустриска вода во наредните 100 години.
Често се врши и порибување на езерото. Од видовите на риби овде се среќаваат: поточна и виножитна пастрмка, крап, клен, скобуст, мрена, попадика, плашка, караш, гомнушка, кркушка и јагула. Козјак преставува атрактивна зона за рекреативен и спортски риболов преку целата година. Крај езерото се кријат и мноштво диви патеки кои се одлични за авантуристите кои сакаат да ги откриваат природните убавини. Во летниот период езерото е погодно за кампување. Неколку заливи се претворени во привлечни плажи за посетителите, додека во крајбрежните води пловат сплавови со ресторани. Идеална мамка за посета и духовно освежување на прекрасното езеро Козјак.




















