Поради мошне поволната географска положба, планините, долините, плодните полиња, водените извори и другите природни благодати, територијата на Македонија била населена уште од прастари времиња. За тоа сведочат бројните древни археолошки населби изградени од пред неколку милениуми во котлините и покрај ридовите во сите нејзини краишта.
На околу 10 км североисточно од Куманово крај патот за Крива Паланка, среде селото Младо Нагоричане се наоѓа локалитетот Базалтни Плочи и претставува единствен природен феномен од таков вид на Балканот. Овој споменик на природата се состои од 8 конусовидни, на врвот зарамнети возвишенија кои се протегаат меридијански и верижно, во должина од околу 5 км и имаат слична надморска височина од 480-505 м. Истите се остатоци од една вулканска плоча, формирана со излевање на масивна и сунѓереста базалтна лава пред околу 7-8 милиони години. На нив има интересни микроформи во вид на вдлабнатини и карпести коритца, кои во влажниот период се исполнети со вода. Плочите со својата височина и необичен изглед доминираат над околината и освен природна, имаат и културно-археолошка вредност.
Најистакната од нив е Костоперската Карпа или Жеглиговскиот Камен, висока 80-100 м и со извонредна стратешка положба и видливост. Уште од бакарното време, на самото плато на карпата постоела повеќеслојна населба со континуиран временски и културен живот. Во ова археолошко наоѓалиште најстарите траги и пронајдоци потекнуваат од енеолитот, а откриени се и предмети од железното време. Местото изобилува со фрагменти од квалитетно изработени керамички садови, орудија од камен и коска, ситни наоди од метал, монети и накит, како и со средновековни гробови, а откриено е постоење и на ранохристијанска базилика и бедем. Од посебна важност е и загадочниот подземен објект во карпата, со своите простории, ходници и вертикални отвори за проветрување. На јужната, пострмна и назабена страна, се наоѓаат старите гробишта, поредени скалесто, со поглед кон исток.
Од некогашните 40-тина средновековни цркви, поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора, денес се останати само неколку, цели или наполу урнати. Во подножјето на Костоперската Карпа е црквата Св. Петка од 1682 година, а во околината се Св. Врачи, Св. Никола, Св. Ѓорѓи Победоносец, Св. Архангел и Св. Богородица.
Само природата може сама себеси така да се украси. Опива миризбата на реликтното растение Жолта копривка (Celtis tournefortii) и писокот на орлите самотници. Восхитува романтичната глетка од платото на Костоперската Карпа, откривајќи ја раскошната колоритна сликовитост на целата долина. Особено на изгрејсонце, кога распосланите гигантски камени цветови оставаат силен впечаток и незаборавни импресии.

















