Стари мостови во Македонија

Стари мостови во Македонија

  

Градењето на мостови започнало уште многу одамна за да се овозможи премостување на природните и вештачките препреки и преминување на луѓето. Првите мостови биле дрвени, а потоа се граделе од камен и од метални конструкции. Особено во турскиот период во Македонија била мошне развиена изградбата на мостови кои претставувале значаен фактор на патиштата за непречено движење на карваните.

  

Камениот мост во с. Зовиќ е еден од најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камени блокови и има сводна (газела) форма прилагодена на конфигурацијата на теренот. Во долниот дел до Градешка Река од страната на селото изградена е воденица. На ова место е снимен дел од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски.

Елен Скок или Елен Мост е камен своден мост во околината на с. Могорче кој ја премостува Мала Река. Мостот е изграден кон средината на 18. век од делкан камен со само еден свод. Дело е на архитектот Мимар Хајрудин кој го градел и Стариот мост на реката Неретва во Мостар.

  

На влезот на с. Богомила на реката Бабуна се наоѓа стар мост кој потекнува од Римскиот период. Мостот е граден од камен и денес се користи како главен и единствен премин преку реката во селото, како за неговите жители, така и за жителите и посетителитe на с. Нежилово, с. Папрадиште, с. Ореше, с. Капиново и планинарскиот дом „Чеплес“.

Село Согле има прекрасни услови за развој на туризмот, тука се планинските масиви Јакупица, Даутица, Бабуна, долината на реката Бабуна, Солунска Глава, и еден прекрасен дрвен мост. Природата сѐ му подарила на овој регион, кој е одлична дестинација за селски туризам.

  

Турски или Камен мост на реката Вардар претставува една од најзначајните знаменитости на Скопје. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија. Бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот во периодот помеѓу 1451 и 1469 година. Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина 213,85 м и ширина од 6,33 м.

Еден од најголемите и најатрактивни пешачки висечки мостови се наоѓа кај вливот на реката Пчиња во Вардар. Овој мост долг 53 м е направен од штици и затегнати челични сајли. Висечки мостови има и на реката Вардар, на Црна Река низ Мариово, на реката Радика и нејзините притоки, во Таорската Клисура, на реката Треска и други.

  

Кратово е град на 17 мостови. Јокширскиот мост е граден со камени сводови и декоративна архитектура и се смета за најстар од сите мостови во градот. На краевите имало две стражарници, а на едниот агол имало и гонг со кој се давал знак за тревога.

Повеќето мостови ја имаат својата основна функција, односно да нѐ пренесуваат од една на друга страна, а некои се јавуваат и како симбол и инспирација во уметноста и културата.

  

Comments are closed.