Дувало – природен геолошки феномен

Дувало – природен геолошки феномен

  

На 7 км од Охрид на патот кон Битола, над селото Косел на надморска височина од 740 м се наоѓа природниот геолошки феномен наречен Дувало. Општината Охрид на оваа појава ѝ дала статус на природна реткост. Слични појави во Македонија има на некои ридови во Кумановско-кратовскиот регион, на планината Кожуф на две места, од кавадаречка и од гевгелиска страна и во Кратовско-злетовскиот регион кај селата Бели и Плешница.

  

За постанокот на Дувало има две теории. Иако активната поствулканска појава се смета за последен „жив вулкан“ на Балканот, всушност не може да се тврди со сигурност од кога постои и дали некогаш бил активен вулкан, бидејќи немало излевање на магма на површината. Од научен аспект пак, станува збор за неколку раседни пукнатини или минијатурни кратери, најголемиот со пречник од 50 см и длабочина од 30 см, од чии отвори избиваат гасови на јаглероден диоксид и сулфуроводород, па експертите велат дека оваа појава во исто време е и мофета и сулфатара.

  

Гасовите и пареата предизвикуваат да се шири невообичаена, непријатна миризба на расипано јајце. Интензитетот на миризбата зависи од концентрацијата на испарувањата и од временските услови. Во сушни периоди шишти и миризбата е појака, а во дождовни се слуша подмолно клокотење. Во мај 2014 г. имаше и зголемена активност со густ чад, но утврдено е дека нема никаква сеизмичка активност и дека се работи за природна појава после обилни врнежи и тектонски поместувања кои тогаш го погодија регионот. Сепак, серијата земјотреси во Охрид и околината неодамна отворија уште неколку нови дувала.

  

Мештаните говорат дека Дувало е дел од раседот на вулканот Везув со кој е поврзан под Јадранското Море и дека на оваа линија е и Косоврасти кај Дебарски бањи чии топли и лековити води ја имаат истата карактеристична миризба. Тие се навикнати на таа миризба од која нема штета, освен за апаратите со бакарни жици кои мошне бргу ʼрѓосуваат. За сулфурот велат дека е лековит и дека помага за разни видови болести, но во поголеми концентрации е и отровен – секое животно што престојува подолго време кај Дувало умира, а грутка бел сулфур уништува секаков вид инсекти, особено лебарки и тафтабити.

  

Името на селото Косел според една легенда доаѓа од зборот што на турски значи сулфур. Во Османлиско време од оваа сулфурна земја се преработувал барут, пред Илинденското востание трговци од Солун го снабдувале за изработка на експлозив, па дури и Римјаните го користеле за правење на вид кибрити. Феноменот Дувало секако има потенцијал да стане своевидна туристичка атракција за гостите кои го посетуваат овој крај.

  

Comments are closed.