Со својата извонредна местоположба, раскошна природна убавина, богата историја и автентична култура, гордо пркоси како временски мост што ја брише границата меѓу сонот и јавето. Таму пејзажот восхитува, а небото и планините ги галат сетилата и ја полнат душата со чудесии. Тоа е Крушево – место каде времето застанува, а волшебната приказна почнува…
Мал, убав, типично планински град, сместен во срцето на западна Македонија и затскриен длабоко во пазувите на Бушева Планина, на надморска височина од 1350 м, поради што се смета за највисок град на Балканот. Идиличниот спој на урбана средина со вековни дрвја на густа букова, дабова и борова шума, додатно го красат бистрите води на Крушевското езеро. Привлечен е во сите периоди од годината, а особено во зимските месеци под дебелите наслаги на белата снежна покривка.
Специфичната староградска архитектура со амфитеатрална положба што личи на лепеза отворена кон североисток, на градот му дава посебен белег. Најживописна е чаршијата во средиштето, составена од низа мали симпатични дуќани и кафулиња. Градските куќи со уредени фасади, балкони и дворови, тесните стрмни сокаци од камен и калдрма, скалите и кривулестите улици создаваат прекрасна панорама на градот.
Како еден од најстарите македонски градови, Крушево датира уште од 15. век, а својот развој го доживува во 18. век, благодарение на Мијаците и Власите кои биле познати и успешни градители, зографи, резбари, трговци и занаетчии. Оваа колевка на Илинденската епопеја и Крушевската република изобилува со музеи, културни знаменитости, стари сакрални објекти, галерии и споменици. Град опеан во многу народни песни, етно град на традицијата сочувана од заборавот. Град што ја слави љубовта, родна грутка на нашиот непрежален Тоше Проески и негово вечно почивалиште.
За авантуристите Крушево нуди секаков вид на рекреација: планинарење и планински велосипедизам, спортски лов и риболов, параглајдерство, скијање и други зимски спортови. Или едноставно, дојдете да одморите уживајќи во прошетките, во чистиот воздух, во тишината, во мирисот на смолата на зелените борови, и секако, не заборавајте да пробате домашна пита, слатки целуфки и крушевски локум. Зашто има вистина во зборовите на еден познат патописец кој многу одамна рекол дека „оној што еднаш ќе го посети Крушево, бездруго ќе посака пак да престојува во него“.