Замина еден од основачите на Заедницата на Македонците во РХ, Огнен Бојаџиски (1945-2017)

Замина еден од основачите на Заедницата на Македонците во РХ, Огнен Бојаџиски (1945-2017)

Замина уште еден истакнат член на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Станува збор за Огнен Бојаџиски, професор, новинар и публицист, еден од основачите на Заедницата на Македонците во РХ, нејзин поранешен претседател и прв главен и одговорен уредник на списанието „Македонски глас“ од Загреб. Денеска, на 5 декември нѐ напушти една од најмаркантните личности на македонското малцинство во Хрватска, личност чие име се врзува за самите темели на организираното дејствување на Македонците во Хрватска, личност која остави и длабок печат во новинарските кругови, како прв дописник на „Нова Македонија“ од Загреб.

Сведоци сме дека визијата на Огнен Бојаџиски за основање на списанието „Македонски глас“, како клучна основа во архивирање на битните хронолошки податоци како архивска граѓа се покажа веродостојна во целото ова време на опстојување на списанието од 1993 година, до денеска, низ 109 отпечатени броеви.

Како што и самиот Огнен велеше, особено е горд на ова богатство, поготово што не поминува ниту еден ден, а некој да не се повика на одреден настан, датум или прослава што се однесува на делувањето на хрватските Македонци, чиј дел беше и самиот Бојаџиски. Бројни предавања и трибини, како и насловни текстови, но и печатени книги беа потпишани со неговото име.

Тој заедно со уште неколкумина Македонци од Хрватска, со голем ентузијазам ги удрија темелите и го трасираа патот на Заедницата на Македоците во РХ во респектабилно здружение. Бојаџиски беше вклучен и ги помина сите фази од нејзината еволуција, како и развојните фази на Република Македонија и Република Хрватска. Посебен печат остави во издаваштвото на Македонците во РХ, како уредник на репринтот „Бели мугри – Кочо Рацин (1939-2009)“ и како автор на книгите „Хронологија на Охридската Архиепископија 1 и 2“, „Прометеи македонски“, „Крлежа и Македонија“, „Македонци во Хрватска“ и „Сончева понорница“.

Огнен Бојаџиски роден е во Скопје, на 1 декември 1945 година. Детството го поминал во Охрид, во Скопје дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како професор по историја на книжевности на јужнословенските народи, а во Љубљана на постдипломски студии по меѓународни односи на Факултетот за политички науки, социологија и новинарство. Објавувал текстови, есеи, фељтони, во хрватски медиуми и медиуми од бившиот југословенски простор, со тематика од историјата на македонскиот народ и пошироката балканска проблематика. Од 1969-1974 г. бил дописник на „Нова Македонија“, од 1975-1983 г. бил дописник на МРТ за Хрватска и Словенија, а ја прател и малцинската проблематика во Австрија и Италија.

Со заминувањето на Огнен, Заедницата на Македонците во Република Хрватска драматично загуби еден од своите најголеми корифеи. Погребот е закажан за во петок, 8 декември, во 10.40 часот, Голема сала, Крематориум во Загреб.

Оги, почивај во мир!

 

Од Заедницата на Македонците во Република Хрватска

и Редакцијата на „Македонски глас“

Comments are closed.