Кадите на Кривошијска Река

Кадите на Кривошијска Река

  

  

Планините во западниот дел на Македонија кријат неверојатни убавини. Природата со сите свои бои насликала шармантен и колоритен дизајн и создала непроценлива уметност на магичен пејзаж. На Шар Планина водното богатство го сочинуваат голем број извори, стрмни планински водотеци и глацијални езера. Изворите се јавуваат во подножјата на карпестите отсеци, на голи и тревни падини и на други места.

  

Реката Пена е најголема притока на реката Вардар на Шара. Во пределот на највисоките Шарски врвови се наоѓаат долините Лешница и Кривошија со изразит алпски крајолик и карактер, со прекрасни водопади, шуми и езерца. Среде таа убавина е сместено и Кривошијското Езеро, мало глацијално езеро исполнето со седименти, кое се наоѓа на 2250 м н.в. и се одржува од неколку притоки, а се одлива преку истек што понира. Долго е 95 м и широко 80 м, со длабочина од 0,5 м.

  

Кривошијска Река се влева во Лешничка Река во месноста Долна Лешница од каде што понатаму се формира реката Пена. Долга е 3,5 км и тече од југ кон север. Нејзиниот извор е на 2300 м н.в. и има огромен пад од дури 700 м. Поради тоа, клисурата на Кривошијска Река е една од најубавите во оваа област.

  

Кривошијскиот водопад (Горно Цкало) е единствен од ваков вид во Македонија, права природна реткост. Се наоѓа на околу 1900 м н.в., со пад од 14 м. Живописниот поглед на водопадот, на високите и стрмни карпи, на густата борова и букова шума, на зелените пасишта, на врвовите Средни Камен и Титов врв… оставаат без воздишка.

  

Движејќи се по коритото, на 1600 м н.в. Кривошијска Река го формира Кривошијски слап (Долно Цкало). Слапот се состои од 6 скалесто наредени водопади кои паѓаат во засеци и издлабени камени кади. Мали водопади, лукаво скриени, како полуотворени пештери. Ледените базени создаваат ехо од бучавата на водата, а капките од силниот млаз творат виножито танцувајќи на ритамот на сончевите зраци.

  

Ако според многумина Шара е најубава планина во Македонија, тогаш поширокиот реон на Лешница е нејзиниот најубав дел. А ако Лешница е срцето на Шара, тогаш областа Кривошија е средиште на срцето на тој реон. Најчесто посетуван само од најхрабрите и најупорните љубители на природата, планинарите, спортистите, но и истражувачите, овој реон на речиси недопрена природа нуди неповторливо доживување.

  

  

Comments are closed.