Доколку ве привлекуваат мистични и таинствени места, тогаш секако треба да го посетите локалитетот Цоцев Камен. Се наоѓа на 25 км западно од градот Кратово, на надморска височина од околу 400 м, помеѓу селата Коњух на запад и Шопско Рударе на исток, во близина на маалото Цоцевци, по кого и го добил името.
Цоцев Камен е вулканска карпа која со својата специфична структура и облик се издвојува од околината. Висока е околу стотина метри и опкружена со вулкански карпи и пештери во кои се скриени трагите на живот од праисторијата. Станува збор за неолитска населба во која населението се занимавало со земјоделство и лов. Многуте видливи остатоци и предметите пронајдени во близина говорат дека карпата била духовно светилиште.
Се верува дека карпата е користена за посебни ритуали, според вдлабнатините во неа, во вид на катно поставени пештери, со платоа пред нив, со камен престол, седишта, остатоци од скалила и со базени за ритуално капење. Тука биле изведувани ритуални танци со принесување жртви на боговите на виното и плодноста. Во една пештера има со црвена боја нацртани симболи на човечки, животински, геометриски и недефинирани мотиви.
Стотина метри источно од карпата се забележуваат исправени камења, односно мегалити или ориенти по кои се одредувала сончевата и месечевата позиција. На врвот на карпата е престолот, свртен кон исток, од каде се набљудувале сонцето, месечината и ѕвездите. Опсерваторијата се одржувала од каменото време, па во неолитот и во бронзеното време. Светилиштето се смета дека згаснало неколку века по новата ера.
Вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 г. Не постојат цврсти научни докази дали станува збор за праисториска мегалитска опсерваторија. Некои истражувачи сметаат дека е единствен локалитет во светот кој има и светилиште, и жртвеник, и опсерваторија.
Постои легенда за „ѓаволското око“ на Цоцев Камен која вели дека луѓето кои живееле во пештерите биле многу сложни и работливи. На врвот живеел ѓаволот кој им наредувал, но тие не го слушале. Кога се појавиле парите, ѓаволот им рекол: „Досега јас одлучував кој да живее, а кој да се отепа, а отсега парите ќе ве командуваат и ќе ве отепуваат.“ А постои и едно пророштво, кое сѐ уште не е потврдено, дека Цоцев Камен крие огромно богатство: „Цоцев Камен е шуплив откај реката и кога врата ќе се отвори, за Македонија ќе има доволно. Копачи нема да ја отворат, туку голема вода и ќе се открие што оставил цар Македон.“
Како и да е, на научниците останува да го истражат и да се уверат која е вистината за „карпата што зборува“, а на авантуристите да го почувствуваат духот на дамнешните времиња и добро да се забават.