Водопадите се едни од најубавите природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста. Македонија има неколку импресивни водопади што привлекуваат со својата магија. Некои се помалку познати, но сите пленат со својата убавина. Најпознати и можеби најубави меѓу нив се Колешинските водопади.
Колешино е едно од најубавите села во Македонија. Се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија на само 19 км од градот Струмица. Опкружено е од планините Беласица и Огражден. Според една легенда, селото своето име го добило по овчарот Коле, кој прв се доселил на тоа место. Кога луѓето поминувале покрај бачилото на Коле викале: „Ова е Колешино“ (бачилото на Коле).
Најавтентичен украс за селото се прекрасните водопади кои ги создава реката Баба меѓу густите дрвја со зелен мов, спуштајќи се од високите планински врвови. Колешинскиот водопад е вистинска убавина и реткост. Се вгнездил на северните падини на Беласица, во долниот тек на реката Баба, на надморска височина од 610 м. Со максимална височина од 19 м и со широчина од 6 м, се вбројува меѓу највисоките водопади во Македонија.
Според потеклото, водопадот е тектонски, создаден во гранитни камења. На оддалеченост од околу 100 м од него се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од 2 до 4 м, кои припаѓаат на неговиот централен слив. Колешинските водопади се наоѓаат на листата на заштитени подрачја, во групата Споменици на природата.
Од завршетокот на асфалтот до водопадот се пристигнува по планински пат што води низ камени гребени и јаворова шума која ја краси мал поток. Пристапот е лесен, по означена пешачка патека, некаде и оградена, со камени скали, дрвени мостови, клупи и летниковци.
Иако е угорница, пријатно е зашто цело време се оди покрај вода. Како се доближувате до водопадот, жуборењето на водата сѐ посилно ечи, воздухот станува сѐ посвеж, а патеката сѐ пострмна. На последниот мост сведочите на величествена глетка која го одзема здивот. Водопадот смирувачки полека тече во прекрасен и ритмичен „балет“ од многубројни водени потоци кои се обединуваат во една целина и така течат надолу по планината. На левата страна од големиот водопад води патека до еден од помалите водопади.
Колешинските водопади како туристичка атракција восхитуваат во секое годишно време, во лето мамат со зелената околина и свежиот смирувачки воздух, а во зима со ледениот пејзаж и тишината. Звуците на птиците додатно ја надополнуваат убавината. Имате чувство како да сте маѓепсани од уметноста на природата. Незаборавно доживување што ќе ви ја смири душата.