Кога ќе се спомене градот Виница, веднаш асоцира на светски познатите теракотни икони од Виничкото Кале. Ова мало и мирно гратче се наоѓа во источниот дел на Македонија, односно во југоисточниот дел на Кочанската Котлина, во подножјето на планината Плачковица меѓу планините Голак и Обозна, на северниот брег на реката Брегалница на околу 400 м надморска височина.
Се верува дека името Виница потекнува од зборот вино, бидејќи во минатото ова место било познато по своите лозови насади и преработката на грозјето во вино. Според една легенда името настанало во периодот од неколку сушни години кога при недостаток на вода, мештаните куќите ги граделе така што калта ја замесувале со вино.
Според пронајдените материјали на археолошките наоѓалишта, овој крај бил населен уште во времето на неолитот, а првите траги од постоење на населени места датираат од железното време. Словените се доселиле во првата половина на 7. век. Денес Виница има околу 11.000 жители. Со умерено континентална клима, има аграрно-индустриско стопанство; во рамничарските предели доминира земјоделието (ориз, пченица, пченка, тутун), а повисоките предели се со шуми, ливади и пасишта, па индустрија (текстилна, тутунска, дрвна, прехранбена) и сточарство.
Оваа област е културна ризница со многу зачувани споменици од најраните времиња до денес. За ова сведочат стотина археолошки локалитети со потврдени населби, тврдини, базилики, некрополи и гробници. Најпознато е Виничкото Кале кое се наоѓа југозападно од градот. Според површинските остатоци, населбата се простирала на падините од ридот и на околните ритчиња. Со својата височина и положба Калето доминира, а од него има убава прегледност и над коритото на Брегалница.
Ископувањата од 1985 г. непрекинато траат до денес. Пронајдените ранохристијански теракотни релјефи содржат иконографски претстави и латински натписи со литургиска содржина. Датираат од 5-6 век и служеле како апликација на ѕидовите на гробниците. Единствени се од ваков тип на Балканот со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност. Дел се од збирката на градскиот музеј „Теракота“.
Виница е град со милениумска историја и духовност. Разни цивилизации преку патот Виа Егнација оставиле свои траги, но тоа е само дел од овој чудесен мозаик на убавини. Прекрасната архитектура, уметноста, домашната гастрономија и, се разбира, природата, Џуџевските водопади, вештачкото езеро во Блатец, планинарските патеки, параглајдингот, теренскиот велосипедизам и термалните води за релаксиран одмор се достапна и возбудлива дестинација за секој посетител.
























