Прекрасниот кањон Матка на течението на реката Треска се наоѓа на 15 км југозападно од Скопје. Ова преубаво парче недопрена природа, величествено со својата сиво-зелена боја, опфаќа површина од 5000 хектари со стрмни планински карпи и падини, чудесни пештери и живописни манастири.
Главна туристичка атракција е пештерата Врело, која го надополнува шармот на Матка. Името доаѓа од зборот „врело“ што означува силен извор на вода во варовнички предели, каков што е и кањонот Матка. Веднаш до пештерата има отвор над самото ниво на водата на езерото Матка, низ кој на неколку секунди постојано излегува млаз од вода од извор во внатрешноста на пештерата, кој прави мали кружни бранови на површината на водата.
До Врело се стигнува со 20-минутно организирано возење со чамец. Чамецот застанува на направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата кој се наоѓа 50 м над езерото. Осветлена е и туристички уредена со патеки и скали кои се наменети за движење на посетителите.
Врело е систем од две пештери (надводна Врело и подводна Подврело) и езеро, и е единствена во Македонија. Беше номинирана во изборот за едно од новите 7 светски чуда на природата. Сè уште не е целосно истражена (само до длабочина од 240 м), но се претпоставува дека е длабока 330 м, и дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот.
Вистинската убавина може да се долови однатре, во утробата на земјата, каде се наоѓаат пештерските украси. Веднаш на влезот се наоѓа „Концертната сала“, на чија што лева страна се „пишаните камења“. Веројатно станува збор за систем од знаци или писмо, но сѐ уште не е истражено. На таванот има мноштво сталактити и неколку столбови. Посебно се убави белите кристални „столбови близнаци“, високи 6 м. Во централниот дел се наоѓа сталактитот „шишарка“, висок 2 м, кој се таложи повеќе од 2700 години и по кој втората сала е наречена „Сала на шишарката“.
Третата сала е „Сала на езерата“. Малото езеро има форма на бројот 8, широко е 8 м, а долго и длабоко 15 м. Големото езеро е широко 15 м, долго 35 м и длабоко до 18 м, и има мала песочна плажа. Сталактитите во водата говорат дека порано во пештерата немало вода. Температурата на водата е секогаш 7-9℃, а на воздухот во лето е за 9℃ пониска од надворешната. Звуците што постојано се слушаат во внатрешноста доаѓаат од нејзините жители – лилјаците.
Благодарение на својата добра положба во близината на Скопје, кањонот Матка привлекува туристи од целиот свет и е вечен предизвик за алпинистите. А пештерата Врело е непроценливо природно богатство и нуди неверојатно доживување при посета.



























