Самовилски водопади

Самовилски водопади

Планините во Македонија покриваат над 80% од нејзината територија, а тие во своите прегратки кријат повеќе од 150 помали и поголеми водопади. Нивната волшебна убавина отсекогаш претставувала инспирација за уметници и писатели, а силната чудесна моќ особено им е атрактивна на авантуристите и љубителите на природата.

На околу 15 км од градот Кичево во западна Македонија, на северозапад од напуштеното село Фрлогоец, на надморска височина од 1250 м, по текот на реката Студенчица се наоѓаат Самовилските или Девствени водопади. Со пад на водата од 15 м на малиот и поширок долен, односно од 25 м на големиот и потесен горен водопад, тие пленат со својата раскош и убавина. И двата водопади се постојани во текот на целата година.

Полноводната и чиста Студенчица е река на планината Бистра. Се влева во реката Треска како нејзина лева притока. Нејзините води потекнуваат од изворите кои се наоѓаат на Женска Планина и Пашиница, делови на планината Бистра. Изворот на Студенчица ги снабдува со вода градовите Кичево, Македонски Брод, Крушево и Прилеп. Карактеристично за изворот е што носи студена снежница, поради што и изворот и реката го носат името по студената бистра вода.

Водопадите се образуваат кога реката е млада. Тогаш каналот е тесен и длабок. Кога реката тече низ отпорната карпеста површина, таа постепено еродира, додека пак подолу низводно ерозијата се одвива побрзо. Водотекот се забрзува кон работ на водопадот и така носи материјал од коритото. Во турбуленцијата се создаваат вртлози, а песокот и камењата што ги носи водата уште повеќе ја зголемуваат стапката на ерозија.

Природата прави чуда, па така ги создала и овие водопади далеку од очите на пошироката јавност. Сместени во длабока столетна букова шума среде недопрена природа, Самовилските водопади преставуваат рај за сите сетила. До нив се стигнува по означена планинарска патека во должина од 3,5 км која почнува од каптажата за вода на Студенчица, до којашто пак води земјен пат од малото ридско село Горно Добреноец. Жуборот на водата од далеку се слуша, а свежината на росните капки опива.

Постои приказна дека самовилите ноќе се капат под водопадите, а нивните магии, се верува, носат среќа. „Водопадите не можат да молчат, исто како и мудроста. Кога тие зборуваат, гласот на моќта зборува“, некој некогаш рекол. А моќта и величественоста на Самовилските водопади импресионира и посетителите ги остава без здив.

Comments are closed.