Во североисточниот дел на Македонија, каде што реката Пчиња нежно ги милува зелените брегови, се наоѓа старото село Пелинце, тивко прибежиште каде што природата и историјата се сплотуваат во хармонија. Со својата богата вегетација и чистиот воздух, пределот нуди мир и спокојство на секој посетител.
Пелинце е оаза за љубителите на природата. Од градот Куманово е оддалечено околу 30 км. Се наоѓа во северниот дел на Општина Старо Нагоричане, во горното сливно подрачје на реката Пчиња, во областа Козјачија, чиј атар граничи со Србија. Селото е од разбиен тип и на надморска височина од 370 до 550 м, со маала распоредени од двете страни на реката, што му дава посебен шарм и автентичност. Познато е по главната селска црква „Св. Ѓорѓи“ која се наоѓа во маалото Златанци кај старото основно училиште.
Токму таму, во срцето на Пелинце покрај реката Пчиња се издига Меморијалниот центар на АСНОМ, величествен културно-историски и спортско-рекреативен центар, дизајниран од архитектот Георги Константиновски. Комплексот гордо стои како симбол на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година, сместен на 2 км од историското место каде е всушност одржано заседанието, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, кој денес се наоѓа во соседна Србија.
Меморијалниот центар на АСНОМ е отворен на 2 август 2004 година, во повод 60-годишнината од Првото заседание на АСНОМ. На површина од 8,5 хектари комплексот вклучува музеј, амфитеатар, ресторан, спортски и детски игралишта, летниковци и зелени површини идеални за пикник и релаксација.
Музејот е украсен со монументален мозаик од 140 м2, дело на уметникот Рубенс Корубин, кој прикажува сцени од македонската историја и култура. Внатре се наоѓа реплика на собата од манастирот каде што се одржало заседанието, а во спомен-собата изложени се документи и фотографии поврзани со тој историски настан.
Реката Пчиња со своите бистри и студени води нуди можности за риболов и освежување, додека околните зеленила, сеновитите шуми и бујните мирисни ливади се како создадени за прошетки и уживање во оваа личотија.
Нејзиното жуборење и прекрасниот птичји оркестар, секој камен, дрво и лист што го красат овој идиличен крај, повикуваат на момент да се застане и да се почувствува тој божествен рај. Ова место, каде што здивот е полн, а секој чекор патување низ магичната убавина, ја храни душата повикувајќи на нова средба.

























