Стоби – патување низ вековите

Стоби – патување низ вековите

Сместен во централниот дел на Македонија, Стоби е древен град со длабоки историски корени и е еден од најзначајните археолошки локалитети во земјата. Се наоѓа на 70 км јужно од Скопје, во близина на Градско, помеѓу Велес и Неготино, на устието на Црна Река во Вардар, на три тераси со површина од 16 хектари.

Изграден уште во хеленскиот период во 2 век п.н.е., пред времето на кралот Филип Петти, тој денес е сведоштво за богатото македонско културно наследство. Распростирајќи се крај некогашниот главен пат помеѓу Дунав и Егејско Море, односно на патот кој долж реката Вардар ги поврзувал трговските патишта Виа Игнација и Виа Милитарис, бил важен урбан, економски, административен и стратешки воен центар.

Низ оваа одамнешна римска провинција минувале главните патишта на трговијата. Овој најголем римски град во областа имал сопствена ковачница за бронзени монети со натпис „Муниципиум Стобенсиум“, а во 5 век станува главен град на римската провинција Македонија Секунда. Ја изгубил благосостојбата и почнал да пропаѓа кон крајот на 5 век кога бил целосно ограбен и разрушен, а животот во него згаснал во втората половина на 6 век кога настрадал од катастрофален земјотрес.

Посетата на Стоби нуди патување низ вековите и запознавање со животот на луѓето и историјата на овие простори. Денес делумно сочуваните градби, спомениците од времето на римската и рано-византиската империја и раскошниот религиозен центар му даваат огромна историска важност. Таму секој камен раскажува приказна за тоа далечно време.

Меѓу откриените објекти во археолошките ископувања најзначаен и најимпресивен е амфитеатарот од 2 век кој собирал 7600 посетители и кој до денес ја зачувал својата функционалност. Откриени се базилики и крстилница, резиденции, палати, вили и куќи, бањи, работилници, библиотека, коцкарница, полукружен плоштад, улици, чешми, прекрасни декорации и украси, мозаици, фреско-живописи, некрополи, синагога. Јужно од градот се наоѓаат траги од предградија, а таму е и портата на градот.

Со досегашните истражувања се добива јасна слика за архитектурата и организацијата на богатиот и разновиден живот на местото, која сведочи дека градот бил со високо ниво на општествен и културен развој. Стоби е денес популарна туристичка дестинација. Ноќното осветлување на градските ѕидини и фестивалите што се одржуваат дополнително ја нагласуваат неговата атрактивност и убавина. А секако, со својата симбиоза на древна традиција и современа енологија, многу придонесува и истоимената винарија во Градско.

Comments are closed.