Заедницата на Македонците во Република Хрватска и МКД „Охридски бисер” од Загреб и оваа година во Самобор ја одбележија годишнината од печатењето на збирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
Во текот на програмата најнапред беа положени венци пред бистата на Кочо Рациј крај Самоборскиот музеј, а потоа пејачката група “Моми бисерни” отпеа две песни, а Рациновите песни “Денови”, “Ленка” и “Огномет” ги интерпретираа Елизабета Петровска и Тинка Барбутов Крстева. Настапи и фјетистката Ѓулијана Алимоски со сплет македонски народни песни, а на крајот за Рацин говореше проф. Огнен Бојаџиски.
Во Самоборскиот музеј, за 72. годишнина од печатењето на збирката, на 26 ноември 2011 година се собраа претставници на МКД “Охридски бисер” и Заедницата на Македонците во РХ, а собраните ги поздравија министерот советник при Амбасадата на Македонија во Хрватска, Реџеп Салиу, членот на претседателството на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, Лазар Тошанов, претседателот на МКД “Охридски бисер”, Благој Штерјов, и потпретседателот на Заедницата на Македонците во Р. Хрватска, Никола Гроздановски. Во име на Градот Самобор гостите ги поздрави заменикот на градоначалникот, Хрвоје Франкиќ, кој истакна дека Рацин е заслужен за споните на пријателство меѓу Хрватска и Македонија и градовите Самобор и Велес.
Прославата на годишнината од печатењето на збирката „Бели мугри“ ја потпомогна Советот за национални малцинства при Владата на РХ, а честитки упати претседателот на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ.
Повеќе за тоа прочитајте во “Македонски глас” бр. 74.
















