
Состојки
500 гр крупен бел грав Тетовец, 400 гр суви ребра, 300 гр свежи црвени пиперки, 200 гр свежи домати, 200 гр кромид, 3 чешниња лук, неколку лажици зејтин, китка магдонос, 1 луто пиперче, 1 лажица црвен пипер во прав, малку бело брашно, малку сол и бибер
Подготовка
Би било добро да го накиснете ден пред гравот, па потоа само да го сварите и исцедите. Потоа сувите ребра исечете ги на неколку помали парчиња и посебно сварете ги. Сочувајте ја водата во која се вареле ребрата. Исецкајте го кромидот и пропржете го на врел зејтин, а потоа подлите го со водата од ребрата и продолжете да го динстате на тивок оган уште 15 мин. Додајте ги сецканите свежи пиперки, сецканиот лук, лутото пиперче и доматите и сето тоа динстајте го уште 10 мин. На крајот запржете го со црвениот пипер во прав и брашното, а потоа сето тоа подлите го со уште 300 мл вода од ребрата и сварете го. Ставете го сварениот грав во земјен сад, додајте ги сварените ребра, динстаниот зеленчук, зачините и претпазливо промешајте. По потреба подлите уште вода од ребрата или обична топла вода. Послужете го топло со ајвар или пинџур.

Гравче тавче на тетовски начин
Состојки
1 кг бел грав Тетовец, 50 дкг кромид, неколку чешниња лук, 10 дкг зејтин, сол, 2 лажици брашно, 1 лажица мелен црвен пипер, китка нане, малку сецкан магдонос, бибер, сол
Подготовка
Го вариме накиснатиот бел грав притоа внимавајќи да не се превари, бидејќи зрната мораат да останат цели. Го цедиме вишокот на вода, така да со гравот остане само малку вода. Кромидот ситно го сецкаме, го пржиме на врел зејтин, го додаваме гравот и мелениот црвен пипер. По вкус додаваме бибер, сол и лук. Го ставаме јадењето во глинен сад и додаваме малку зејтин и мелен пипер. По желба можеме да додадеме и сецкани свежи домати и свежа пиперка. На крајот јадењето го посипаме со нане и сецкан магдонос, а потоа го печеме во рерна на 180 степени. Со гравче тавче служиме некое месо од скара.

Реден грав
Состојки
500 гр бел грав Тетовец, 500 гр кромид, 1,5 дцл зејтин, 2 суви црвени пиперки, 1 суво луто пиперче (феферон), сол, бибер, лорбер, црвен мелен пипер
Подготовка
Ова јадење е најдобро кога се подготвува во некој поплиток земјен сад. Потребен е покрупен грав Тетовец. Варете го со лорбер, бибер во зрно и суви пиперки, а потоа исцедете го. Кромидот исецкајте го на тенки листови и пуштете го на тивок оган да пожолти на зејтинот. Зачинете го со црвен пипер и тргнете го од огнот. Во земјениот сад наредете ред грав, па ред кромид и така до крај. На крајот завршете со грав, пиперките ставете ги одозгора, додадете малку бибер и сол ако е потребно. По потреба, надолите и малку од водата во која се варел гравот. Запечете го во топла рерна околу 30 мин. Ова јадење се служи топло или ладно, по желба.

Гравче тавче 2
Состојки
70 гр бел грав, 1 една поголема главица кромид, 2 сушени долги рог црвени пиперки
Запршка
200 гр кромид, 50 гр морков, 2 чешниња лук, зејтин, сол, магдонос, бибер
Подготовка
Белиот грав киснете го да омекне. Немојте да го цедите, туку додајте му ги исецканиот кромид и целите пиперки. Варете го на тивок оган притоа внимавајќи да не се превари. Пропржете го на врел зејтин ситно сецканиот кромид и ситно нарибаниот морков, па додадете ги насецканиот лук и магдонос. По вкус јадењето посолете го и забиберете. Со оваа смеса прелите го гравот и запечете го во рерна на умерена температура да се згусне јадењето. Гравче тавчето треба да биде со пикантен вкус. Послужете го во самиот земјен сад во кој се печело.

Гравче тавче 3
Состојки
30 дкг бел грав Тетовец, 500 гр праз, 4 големи лажици зејтин, 2 зрела домата, 3 меснати зелени пиперки, сол и бибер по вкус
Подготовка
Гравот накиснете го ден пред. Празот исчистете го, измијте и исецкајте на кругови. Доматите измијте ги и исецкајте на кришки. Пиперките измијте ги, очистете и исецкајте на резанци. Варете го гравот додека не биде мек, а потоа оцедете го. Празот динстајте го на зејтин додека не биде мек. Во земјен сад наредете го празот и зачинете го со сол и бибер, па на празот наредете го гравот и зачинете го и него, на гравот наредете ги доматите и исецканите пиперки и пак зачинете. Смесата полите ја со чаша вода и печете ја во рерна на 180 степени, додека водата не заврие и зеленчукот не биде добро запечен. Готовото јадење сервирајте го во земјениот сад.






