Споменикот на природата – Демиркаписката Клисура е една од најмалите (19,5 км.), но најубавите клисури на Повардарието. Таа е планинска, се наоѓа во долниот тек на реката Вардар и претставува процеп од варовник и вулкански карпи кој ги разделува тиквешката и гевгелиско-валандовската котлина. Заградена е со ограноците на Серта, Градешка планина, Краставец и Кожуф планина. Страните на Карадак и Трнка Рид во клисурата се високи и до 1000 метри.
Поради влијанието на медитеранската клима, клисурата е всушност еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа според бројот на ретки птици-грабливки: белоглавиот мршојадец, египетскиот мршојадец, златниот орел, орелот-змијар, лисестиот глувчар, како и разни видови соколи, ретки видови лилјаци и уште 148 други вида птици. Тука се среќаваат и многу диви животни како што се лисицата, волкот, срната, куната, зајакот и јазовецот, а во Вардар живее најголемата риба сом, која може да достигне тежина и над 100 кг. Евидентирани се и повеќе од 200 вида дрвенести и зелјести растенија, од кои повеќето се реткост на Балканот. Во клисурата има и 13 пештери од кои најпознатите се Бела Вода и Змејовец.
Единственоста на пејзажот ја прави Демиркаписката Клисура една од најрепрезентативните и најатрактивните во Македонија. Таа нуди широки можности за развој на туризмот, кајак на диви води, планинарство. Низ неа проаѓа и дел од автопатот Скопје-Солун како и железничката линија што ги поврзува европските земји со земјите на блискиот исток. Непосредно пред клисурата се наоѓа малото гратче Демир Капија (на турски: Железна Порта) кое се одликува со земјоделство, одгледување на винова лоза, житни култури, градинарски култури (црвена пиперка) и тутун.
Демиркаписката Клисура отсекогаш била предизвик за многуте патописци и научници, но и за трагачите по злато. Овде е лоцирано и постоењето на античка Антигонеа, па златната треска ги обзема луѓето што чуле за легендата која говори за златниот тунел под дното на реката Вардар. А легендата за Крале Марко вели дека тој сè уште спие во длабок сон во една од тамошните пештери. Jа забил сабјата во каменот, го симнал седлото од Шарец и пред да потоне во сон, рекол: „Кога сабјата ќе испадне од карпата и седлово ќе се качи на Шарца, тогаш јас ќе се разбудам и пак ќе излезам да царувам во оваа македонска земја“.


















