Штип е град во источниот дел на Македонија, распослан во долината на реката Брегалница. Овој град е еден од најважните образовни и економски центри на истокот, но скриените убавини се она што го прават вистински вреден за посета.
Древната тврдина Исар се наоѓа на истоимениот рид, врз темелите на античкиот Астибо и на византискиот Стипион, во југозападниот дел на градот Штип, помеѓу реките Брегалница и Отиња, со правец на протегање север-југ во должина од 350 м., а од нивото на Брегалница се издига до 150 м. Имајќи ги сите одлики на средновековните фортификациони градби, потекнува од 14 век. Ѕидовите се широки 1,3 м., градени се во плочест слог и залиени со многу малтер. Тврдината се состои од два дела, опкружени со одделни ѕидни појаси. Дворецот или замокот, е поставен на највисокиот дел на ридот. Долг е 106 м., а широк до 20 м. Северниот дел завршувал со триаголна кула. Во северниот и јужниот дел на оградениот простор има две цистерни за собирање дождовница. На средината од источниот ѕид стои главната кула (донжон). Покрај неа, од јужната страна стоела порта за влез во замокот, а на северната страна на кулата е потпрена стражарската куќа за внатрешната порта. Низ оваа порта се влегувало од предниот двор во дворот на палатата. Стопанскиот дел на замокот (цвингер) се простира на падините северно, источно и јужно од дворецот, на простор долг 250 и широк 50 м. Поради поголема сигурност во случај на напад, две порти биле поставени бочно во насока на обѕидот. Најлесен пристап постои од север, по тесниот срт што се спушта кон реката, но на тој дел обѕидот е урнат. Од северната, источната и јужната страна на тврдината, во средниот век биле изградени и три цркви заштитници.
Тунелот, кој во минатото ја поврзувал штипската тврдина со реката Брегалница, а кој бил пресуден за освојување на тврдината од Османлиите, беше пронајден 2009 г. од штипските археолози. Со тоа се потврди најраскажуваната штипска легенда за освојување на градот преку таен тунел под Исарот, за кој во 17. век пишувал и турскиот патописец Евлија Челебија. Тој бил користен за тајно снабдување со вода за жителите на тврдината.
Денес археолозите работат на конзервација и реконструкција на тврдината која до крајот на оваа 2011 година треба да биде комплетно осветлена. А штипјани, останувајќи доследни на неколку деценискиот обичај познат под името „четрсе“, секоја година на 22 март се искачуваат на тврдината и фрлаат 39 камчиња по ридот од спротивната страна, кој се спушта до реката. Четириесеттото каменче го оставаат в џеб и вечерта го ставаат под перница. Се вели дека младите таа ноќ ќе го сонуваат оној со кого подоцна ќе стапат во брак. А најмногу се верува дека на сите оние што на Денот на пролетта се качиле на тврдината и се фатиле за каменчињата, годината ќе им биде среќна и плодна.















