Секој 1 март во чест на „Баба Марта“ и доаѓањето на пролетта, се плетат „мартинки“. Мартинка е црвено-бела врвка исплетена од бел и црвен конец и врзана со јазол. Белата боја симболизира чесност и искреност, а црвената светлина и љубов. Мартинките се врзуваат на расцутените дрва, на вратите, прозорците, се носат како нараквици, како приврзок…
Овој обичај дошол со прославувањето на празникот Ксантика со кој Македонците верувале дека се случува „измивање на душите”, простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина што ги притиска нивните души.
Според преданијата, Ксантија била Божица на сите цвеќиња што цветаат во градините, полињата и горите. Во неа бил вљубен Богот Македон. Но, откако злите сили ја претвориле Ксантија во цвет, Богот Македон секоја пролет ја барал својата љубов низ сите ливади и полиња, кај сите бистри потоци и реки, кај сите цветни градини во својата омилена земја – Македонија. Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Богот Македон и на Божицата Ксантија, Македонците првиот пролетен месец го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика.
Ксантика е едно од најсветлите одбележја на старо-македонските народни обичаи, која со својата волшебна моќ ги обединува душите на Македонците во заедничките стремежи за опстанок и подобар живот. Македонците ја празнуваат како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината. Но, за жал, во денешно време не се знае скоро ништо за овој духовен празник кој во старо време бил синоним за македонскиот идентитет. Македонските војници, Ксантика ја славеле облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора, со што ја истакнувале својата посебност, во однос на војниците, припадници на другите народи.