Шетајќи низ Охрид имате чувство дека чекорите низ вековите опкружени со старата охридска народна архитектура. Овде е сочуван типичниот изглед на ориенталната градска куќа од 18 и 19 век. Во стариот дел на Охрид крај брегот на езерото, охридските куќи со својот впечатлив стил создаваат чудесна и несекојдневна убавина. Нивните најчесто бели фасади доминираат во стрмите и тесни улички. Приземјето им е најтесно, а горните нивоа и катови се шират, односно секој нареден е поширок од претходниот, па се добива впечаток како стреите да им се споени. Горните делови се градени од дрво и со многу прозорци, а приземниот дел е од камен. Дворовите им се исполнети со разнобојно цвеќе и зеленило, а горните чардаци имаат прекрасен поглед на југ кон езерото. За рибарските куќи е карактеристично и тоа што имаат два влеза, еден кон улицата и друг кон езерото, каде ги чувале своите чамци и опремата за риболов.
Куќата на семејството Робевци во коjа сега е сместен Народниот музеj, е споменик на културата и ја сочинуваат два посебни стана на три ката, со најгорниот кат (ширван), а ја изградил познат македонски градител и резбар, Тодор Петков од с. Гари, Дебарско, кон средината на 19 век. Куќата на Уранија е изградена во втората половина на 19 век. Прво припаѓала на семејството Филевци, а подоцна единствен жител на куќата била старата жена Уранија, по која куќата го добила името. Денес во неа е сместено Етнолошкото одделение на Народниот музеj. Куќата на семејството Каневчевци (Крапчевци) изградена е во втората половина на 19 век. Посебно е интересна нејзината западна, челна фасада.














