Најстарото дрво во Македонија е Платанот (Platanus Orientalis) кој се наоѓа во центарот на Охрид или кај народот попознат како „Чинарот“. Легендите велат дека ова дрво е старо неверојатни 1.100 години, па дури и тоа дека го засадил Св. Климент Охридски. Постојат и други мислења според кои дрвото е старо 6 века, но прифатено е првото мислење.
Стариот чинар со 18 метри височина и со стебло чиј дијаметар во шупливата основа беше поголем од 3 метри, овозможи Охрид со векови да ја има единствената кафеана во дрво на Балканот. Беше сведок на многу љубовни приказни, но и важни историски настани за време на турското ропство, како и вечна инспирација на уметниците. Тоа беше место од каде водат сите патишта во Охрид, со него почнувал и завршувал животот на охриѓаните.
Времето си го направи своето. Пред неколку години беше санирано стеблото на Чинарот од кое силен ветер ја откина најголемата гранка, но тоа не беше доволно за да се заштити ова древно дрво прогласено за споменик на природата во дамнешната 1967 година. Во декември 2012 година на Чинарот обилниот снег му зададе уште еден удар и од неговата тежина се скрши уште една гранка од крошната. Без овој препознатлив симбол Охрид никогаш повеќе нема да биде ист.














