Прилепска куќа

Прилепска куќа

 

Според едно предание, луѓето кои почнале да се доселуваат на територијата на градот Прилеп, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи градот и го добил своето име.

 

Од 17. век Прилеп почнува да се развива во голем и убав град. Старата градска архитектура е сконцентрирана во централното градско подрачје и поделена е на две групи. Првата група се објекти од крајот на 19. век кои се во духот на традиционалната македонска архитектура, а во втората група спаѓаат објекти изградени во почетокот на 20. век со примеси на европските стилови.

 

Најзначаен објект од втората група на објекти е куќата на Бектешовци. Градена во европски стил во 1923 година од битолски мајстори, е доказ за прилепската култура и аристократија во тоа време. Има изглед на црковен храм, два ката, подрумски простории, неколку соби, голем салон со украсени тавани високи скоро 4 метри, на кои биле обесени кристални лустери. Ентериерот бил уреден со драперии и кадифени пердиња на дури 140 прозорци, со црвени теписи и патеки на лакираните дрвени подови. Ѕидовите се украсени со бои и орнаменти, со вградени долапи и мусандри за собирање на алиштата, а вградена е и печка за загревање. Куќата има прекрасна фасада украсена со барокни и ренесансни релјефи. На влезот има столбови со украсна градба и со раскошни мермерни скали, а во дворот има гранитни делкани блокови и ограда од ковано железо, работена од прилепските ковачи.

 

Куќата на народниот херој Кузман Јосифоски – Питу, денешен Меморијален музеј, е градена кон крајот на 19 век. Таа во 1971 година е прогласена за споменик на културата. Да ги споменеме и куќите на Башевци, Ачевци, Зојчевци, Чаковци и други, кои ја отсликуваат и презентираат тогашната прилепска градска архитектура.

 

Comments are closed.