Петар Мазев (Кавадарци, 10 февруари 1927 – Скопје, 13 март 1993) бил македонски сликар. Тој е еден од најзначајните автори во модерната македонска уметност. Завршил Академија за ликовна уметност во Белград во 1953 година и истата година станал и член на ДЛУМ. Бил член на авангардната група „Мугри“. Професор на Архитектонскиот факултет, Скопје. Бил и еден од основачите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде бил декан и професор.
Своите први цртежи во почетокот Мазев ги работел со ќумур од изгорено дрво, поради што и го добил и прекарот „Ќуќо“. За време на својата успешна уметничка кариера минал низ неколку развојни фази во творештвото: експресионистички реализам, надреализам, енформел, за на крајот повторно да и се врати на фигурата. Познат е и признат како еден од најумешните колористи во модерното македонско сликарство. Последната фаза во творештвото на Мазев излегува од порано веќе мошне асоцијативната материја на неговите дела и се движи кон необични пластични агломерации.
Изложувал на голем број групни и самостојни изложби во Македонија и во странство: Бурма, Кина, Индија, Франција, Чиле, Милано, Белград, Љубљана, Дижон, Братфорд, Рим, Торино, Нирнберг, Штудгарт, Берлин, Ним, Шел, Париз, Пекинг, Њујорк, Лозана, Мексико Сити, Атина итн. Негови дела се наоѓаат во повеќе приватни и јавни збирки во Македонија, Србија, Хрватска, САД, Германија, Швајцарија и други земји.
Петар Мазев е автор и на повеќе мозаици. Негови најзначајни дела се: „Манастирски пејсаж“, „Зрело жито“, муралот во Железарница во Скопје, мозаикот во Стопанска банка и Државна болница во Скопје, мозаикот на споменикот на Илинденското востание во Крушево, муралот на старата автобуска станица во Кавадарци, најголемиот и највпечатливиот мозаик во Спомен костурницата во Велес и многу други.
Добитник е на највисоките републички, сојузни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои се и „Сапиро“ во Париз (1959), „11 Октомври“ (1961), „13 Ноември“ (1969), „Никола Мартиновски“ (1981), Награда за сликарство СЛУЗ (1981), Награда за сликарство ДЛУМ (1987) и други.








