Димо Тодоровски (Солун, 11 декември 1910 – Скопје, 27 април 1983), е познат македонски скулптор од првата генерација скулптори кои ја втемелија оваа ликовна уметност. Тој беше единствениот склуптор што се појави меѓу двете светски војни во Македонија. Две години по неговото раѓање, неговото семејство се вратило во родниот град Прилеп. Студирал во Белград, каде ја завршил Уметничката школа со академски курс на одделот по скулптура во класата на проф. П. Палавичини. По враќањето во Македонија, учествувал во формирањето на Уметничката школа во Скопје, каде бил и професор до пензионирањето. Тодоровски е еден од основачите и на Уметничката галерија во 1949 година. Бил и дописен член на МАНУ. И денес во населбата Трнодол каде живеел, стои неговата празна куќа со ателјето, која ја оставил да биде адаптирана во спомен-дом.
Димо Тодоровски реализирал бројни скулптури од гипс и бронза со различни формати, како и повеќе јавни монументални споменици низ Македонија (Трница, Крушево, Велес, Струга, Охрид…). Освен дела со теми од НОВ и социјални теми, изработувал и портрети. Познат е како автор кој бил целосно предаден на скулптурата, на вајарството. За жал, многу од скулптурите од пред Втората светска војна му биле уништени. Голем број негови дела се наоѓаат во Националната галерија на Македонија, во Музејот на современата уметност и во МАНУ, а има дела и во приватни колекции.
Некои од неговите позначајни дела се: споменикот на Мечкин камен во Крушево (1983), статуата „Оро“ на прилепскиот плоштад (1972), делото во бронза „Браќа Миладиновци“ (1945), делото „Јама“ во Даут–пашиниот амам (1956), „Св. Климент Охридски“ (1967), „Ќеманеџија“ (1942), „Мајка на уметникот“ (1947), „Тутуноберачка“ (1942), споменикот на НОВ во Трница и други.






