Величествена е убавината на Македонија, а нејзината богата традиција е како ковчег полн со скапоцености, кој едвај чека да биде отворен. Таму, на едно мало парче земја, каде што историјата се таложела со векови…
Зајчев Рид се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, близу до утоката на реката Лепенец во Вардар, на 5 км северозападно од Скопје. Има 320 м н.в. и е краен дел од ридскиот венец што се протега од ридот Градиште на исток, на кој се наоѓа скопската тврдина Кале. Во неговото подножје, близу до селата Бардовци и Злокуќани, на јужната и југозападната падина се наоѓа археолошкиот локалитет на древниот град Скупи.
Првите живеалишта датираат уште од бронзеното и железното време. Градот добил стратешко значење во античкиот период, кога бил познат под името Скупи. Скупи бил римска колонија и главен град на Дарданија, а го населувале домашни староседелци со пајонско и дарданско потекло. Подоцна, како еден од поголемите римски метрополи, прераснал во моќен и богат регионален економски, културен, административен и верски центар на крстосницата на патот од Егеј кон Дунав и од Јадранското кон Црното Море. Имал четвртеста основа со површина од 43 ха и ѕид дебел 3,2 м. Приградските објекти и некрополите се простираат на поширок простор. Уништен е од катастрофален земјотрес во 518 г.
Во наредните векови над урнатините на Скупи се одвива скромно живеење, додека главната градска населба во Скопскиот регион се префрла на скопската тврдина Кале. Со незадржливото надоаѓање на бројните словенски племиња, во 695 г. словенското племе Берегезити го освојува градот и така го добива денешното име Скопје.
Скупи има многу ископини од кои најзначаен е монументалниот антички театар со капацитет за околу 9 илјади гледачи. Изграден бил во 2. век и е најголем во Македонија. Театарската зграда е долга 98 м и широка 15 м, а низ неа водат 3 ходника до оркестрата која има радиус од 15 м. Зградата и фасадата на сцената биле богато и луксузно украсени со мермер. Служел главно за забава, за драмски и други претстави.
Како културно наследство Скупи се заштитува по земјотресот во 1963 г. Досега се истражувани урбанистичките и архитектонските карактеристики преку кои се формира слика за животот во него: театарот, бедемите, цивилната и христијанската базилика, градската вила и бања, улицата – кардо, делови од источната и западната некропола. Пронајдените предмети, монети, надгробни споменици, статуи и друго, се најважните археолошки извори за откривање на историјата на градот.

























