Кочанското Езеро Гратче

Кочанското Езеро Гратче

Една од најстарите акумулации во Македонија се наоѓа на само 6 км северно од градот Кочани. Во јужното подножје на Осоговските Планини, на надморска височина од 467 м, во 1959 година создадено е малото вештачко Кочанско Езеро Гратче или локално познато како Браната, на местото каде Мала и Голема Река ја образуваат Кочанска Река.

Гратче има издолжен облик во правец север-југ и е со вкупна површина од 0,19 км2. Долго е 1,2 км, широко 0,2 км, а најголемата длабочина е 29 м. Браната има целокупна зафатнина од околу 2.250.000 м3, а водата се користи за индустриски цели и наводнување. Со Кочани е поврзано со асфалтен пат.

Интересен податок го карактеризира местото на сегашното езеро. Таму се наоѓало селото Долно Гратче, но со цел да се заштити Кочани од постојаните поплави од надојдените води, тогашните власти решиле да изградат брана на местото наречено Рамна Скала, кое се наоѓало веднаш над селото. Поради тоа, сите мештани биле раселени.

Жуборот на водата, песната на птиците и мирисот на билките се магнет за сите сетила. Во околината на езерото има над 30 природни извори на вода. Попознат е изворот на Боро лимонаџијата, кој пред 30 години речиси секоја ноќ во летните денови одел до Царев Врв за набавка на снег за ладење на лимонадата.

Вистинската убавина на езерото му ја дава густата букова шума со која е опкружено, но и големиот Гратчевски водопад, чија височина е 20 м. Во 1958 година била изградена помошна брана од камени блокови за да го спречи наглото надоаѓање на водата кон местото каде што се градела денешната брана. Од надојдените гранки, камења и земја, браната почнала да се полни со почва и со текот на времето се создал водопадот.

На возвишенијата над езерото има видиковци со извонреден поглед, а околу езерото има планинарски пешачки патеки и неколку угостителски објекти. На патот кон Гратче, во 19. век на Кочанска Река била изградена Каракашката или Белската воденица и денес е една од ретките којашто сѐ уште работи. Постои народно верување дека има исцелителна моќ, затоа што каменот во неа врти налево.

Благодарејќи на живописниот пејзаж и прекрасниот природен амбиент, чистиот воздух, пријатната клима и разновидниот биодиверзитет, Гратче прерасна во популарно место за рекреативен, излетнички, спортски и риболовен туризам. Чистите води на езерото се богати со риба, пастрмка и крап, а погодно е и за капење, па нуди одлични услови за одмор и уживање на посетителите.

Comments are closed.