Состојки
1 кг мешано месо по желба: свинско, јунешко, телешко, 250 гр моркови, 250 гр пиперки, 50 гр црвен кромид, 1 кг компири, 300 гр модри патлиџани, 300 гр тиквички, 50 гр бамји, 100 гр домати, сол, црн пипер, магдонос, зејтин
Подготовка
Црвениот кромид пропржете го на зејтин, па откако ќе се зарумени, додадете го месото исечено на коцки или мелено и продолжете со пржењето. Додајте сол и црн пипер по вкус. Откако месото ќе омекне, додадете ги ситно исечканите моркови, пиперки, модрите патлиџани, компирот и тиквичките да се пропржат со месото, а на крајот додадете ги и ситно исечканите домати, бамји, и, магдонос по желба. Сето тоа се става во земјена тава и се подлева со вода колку да се прекрие јадењето, па се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Турлитава 2
Состојки
1 кг мешано месо: свинско, телешко, јагнешко; зеленчук: компири, домати, пиперки, модри патлиџани, боранија, бамји, кромид; зачини: магдонос, сол, бибер, црвен пипер, зејтин
Подготовка
Сечкаме месо и свеж зеленчук и потоа ги ставаме во земјена тава. Додаваме зачини, мешаме и потоа посипуваме зејтин и вода. Не ставаме премногу вода туку доволно за турлитавата да омекне по готвењето. Ја ставаме тавата во рерна и час и половина печеме на температура од 200 степени. Во меѓувреме промешуваме два до три пати. Јадењето е готово кога ќе добие златно-црвена кора.
Турлитава 3
Состојки
200 гр свинска кртина, 200 гр телешка кртина, 100 гр мелено месо, 400 гр компири, 50 гр ориз, 2 домати, 3 пиперки, 3 главици кромид, 3 моркова, 4 бамји, 1 модар патлиџан, 1 чешне лук, 20 гр магдонос, 1 јајце, 1 лажица црвен пипер, Вегета, зејтин, 150 гр вода, бибер, сол
Подготовка
Свинската и телешката кртина ја сечеме на парчиња ја ставаме во тенџере. Го миеме месото и го ставаме на оган да зоврие, го вариме на тивок оган додека не се свари. Меленото месо исто така го подготвуваме, му дробиме 1 главица кромид, му ставаме сол, бибер, Вегета и јајце. Сето тоа убаво го замесуваме и го оставаме малку да постои. Потоа од меленото месо правиме мали ќофтенца и ги пржиме. Откако ќе бидат испржени ги тргаме од оган. Кромидот го лупиме, миеме и го дробиме во тава со зејтин. Тавата ја ставаме на оган и кромидот го пржиме додека не порумени, потоа го додаваме доматот дробен, пиперките, морковите, модриот палиџан, бамјите, магдоносот, лукот, црвениот пипер, зачинуваме, и сето тоа добро го пропржуваме и го тргаме од оган. Земаме подлабока тепсија или земјена тава, потоа ја истураме приготвената смеса во тавата и го додаваме месото. Додаваме вода и така подготвено го ставаме во загреана рерна да се пече на 220 степени околу 40 мин.